Фудбалерите плаќаат по 20.000 евра да играат за Босна и Херцеговина

Босна и Херцеговина ќе игра против Украина во полуфиналето од плејофот на Лигата на нациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија. Украина важи за фаворит на овој меч, но БиХ ќе има адут затоа што ќе игра на домашен терен. Се игра еден меч и сите опции се можни.

Во украинските медиуми, односно во еден од највлијателните портали, Спорт.уа, на многу лош начин е преставена селекцијата на Босна и Херцеговина. „Фудбалерите во БиХ плаќаат по 20.000 евра за да играат во репрезентацијата“, гласи насловот на текстот во Спорт.уа.

Новинарот се повикува на полскиот новинар Пјотр Слонка, кој на својот Телеграм канал напишал дека босанскохерцеговските новинари плаќаат за да добијат повик во репрезентацијата.

„Ја гледав групата во која беше Словачка. Босна е многу слаба селекција. Разговарав со еден нивен репрезентативец. Во голема криза се. Во репрезентацијата само Џеко игра нормално, а останатите мораат да плаќаат по 20.000 евра и повеќе за да бидат повикани. Откако ќе платат, мислат дека веќе ништо не треба да прават“, напишал Слонка.

Бараж-полуфиналето ќе се игра на 21 март следната година, а победникот од тој меч ќе игра во финалето од баражот за пласман на ЕП 2024 против подобриот од дуелот меѓу Израел и Исланд.

- Оглас -

Најнови вести