Македонските фудбалски репрезентативци веќе пристигнаа на „Драгао“, каде што вечерва пред 50 илјади гледачи ќе се обидат да ја изненадат Португалија и да го остварат најубавиот фудбалски сон, пласман на Светско првенство.
Од 20.45 часот во Порто се игра финалниот бараж за настап на Мундијалот во Катар.
Македонските навивачи се фантастични каде и да одат со својата репрезентација, а така е и во Порто, пред мечот Португалија – Македонија, што е завршен чин за настап на Светското фудбалско првенство во Катар.
Два дена убавиот португалски град е под инвазија на наши навивачи, кои прават убава фешта и го привлекоа вниманието на светската јавност.
Навиваат за Македонија, се забуваат и очекуваат нов подвиг. Река од гостински навивачи со препознатливите симболи во „црвено-жолта“ боја веќе тргнаа кон стадионот „Драгао“, каде што вечерва од 20.45 часот ќе навиваат за нашата репрезентација во обид по Италија, да направиме ново фудбалско чудо, да ја победиме Португалија и за првпат да играме на Мундијал.