Фудбалерите кои играат во македонското првенство годишно во просек заработуваат 10.356 евра, според истражувањето на „Спортинг интелигенс“. Со ваквиот просек на плата на фудбалерите, Македонија се најде на 54-тото место во светот. Малта е веднаш зад македонското првенство, со просек од 10.236 евра плата на играчите, додека малку подобар просек од Македонија имаат БиХ (10.662), Албанија (11.332) и Луксембург, со просечна годишна плата на фудбалерите од 11.576 евра. Ако се гледа според оваа листа, македонските фудбалери месечно заработуваат под 1.000 евра плата.
Очекувано, на врвот на оваа листа е англиската Премиер лига. Во елитната англиска лига, фудбалерите во просек годишно заработуваат 3.379.520 евра. Речиси еден милион помал е просекот на фудбалерите од Шпанија, кои имаат просечна плата од 2.487.194 евра. Со просек од над еден милион евра годишна плата имаат само уште играчите кои играат во останатите лиги од топ 5 во Еворпа.
Во Серија А просекот е 1.717.470 евра по играч на годишно ниво, додека во германската Бундеслига тој просек е 1.578.130 евра. Во Франција просекот е 1.118.447 евра. Во топ 10 има место и за Кина (просек од 903.110 евра), Русија (753.223), Турција (742.043), Бразил (576.027) и Канада (446.472).
Од земјите кои се во наша близина, во Грција просекот е 146.520 евра, што е доволно за 23-то место на оваа листа. Во Хрватска тој просек е 90.380 евра, Бугарија е со 46.058 евра, а Србија има просек од 36.249 евра.
Кога се работи поединечно за клубови, Барселона е лидер во светски рамки. Играчите на каталонскиот гигант во просек на годишно ниво заработуваат 11,8 милиони евра. На второто место е Реал Мадрид со 9,1 милиони евра, а потоа следуваат дури шест клубови од НБА-лигата. Оклахома (8,9 милиони евра), Голден стејт (8,8), Вашингтон (8,6), Торонто (8,55), Хјустон (8,45) и Мајами (7,94 милиони евра). Потоа следуваат Јувентус со 7,59 милиони евра и Манчестер јунајтед со просечна годишна плата на играчите од 7,38 милиони евра.