Женската фудбалска репрезентација на Македонија вечерва (19 часот) на домашен терен ја пречекува селекцијата на Летонија во претпоследното коло во групата 2 од Лигата Ц, од квалификациите за пласман на Европското првенство кое 2025 година ќе се одржи во Швајцарија.
Нашата репрезентација има императив за победа, со која би остварила историски резултат и би го потврдила второто место во групата кое носи пласман во баражот од квалификациите.
Селекторот Александар Андов и капитенот Наташа Андонова се оптимисти во пресрет на дуелот со Летонките. Денеска остварија средба со новинарите спроти утрешниот квалификациски меч против селекцијата на Летонија.
„Иимаме можност да испишеме историја, верувам дека ќе успееме да оствариме победа. Ја немаме на располагање Гентијана Рочи, која со својот квалитет и искуство претставува многу битен член на репрезентација. Но, не смееме само со еден поединец. Кажав дека сите фудбалерки се битни и сега имаат можност да го докажат тоа“, вели селекторот Александар Андов.
Нашата најдобра фудбалерка Наташа Андонова вели дека постои позитивна тензија кај македонскиот национален тим.
„Нормално дека постои притисок пред натпреварот, но во една позитивна насока. Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата и по подолго време повторно сме сите заедно обединети, функционираме како еден тим и размислуваме победнички. Имавме одлични услови во претходниот период и се подготвивме на најдобар можен начин за овој меч. Имавме одличен тренинг-камп во Банско и подготвени го дочекуваме мечот со Летонија. Сите веруваме во успех“, изјави капитенот и нашиот најдобар играч, Наташа Андонова.
Натпреварот меѓу Македонија и Летонија се игра на комплексот „Петар Милошевски“, со почеток од 19 часот.