Женската фудбалска репрезентација на Македонија денес го има првиот собир под раководство на новиот селектор, Александар Андов. Фудбалерките со тоа означуваат старт на мини-подготовките пред двата квалификациски дуели против Летонија и Словенија, а целта е новиот циклус за пласман на Европското првенство да го започнат со триумф на гостински терен
„Иако имаме малку време за подготовки во пресрет на првиот натпревар од квалификациите, кој го играме на 5 април во Рига против репрезентацијата на Летонија, очекувам од сите максимално вложување и голем труд на сите тренинзи. Овие подготовки ќе ги искористиме на најдобар можен начин што подобро да се подготвиме и пред се да се воиграме на тактички план. Нормално е и здраво е да се има одредени промени во репрезентацијата. Ќе имаме промени околу самиот ростер на играчите, но и во самата формација. Се надевам дека пред се на тактички план тие промени ќе бидат многу значајни и ќе донесат позитивни резултати и атмосфера во самата репрезентација. Верувам дека само со многу труд и посветеност може да се променат работите на позитивно. Не треба од старт да имаме преголеми очекувања, преку ноќ не се менува ништо. Постепено треба да напредуваме и да се подобруваме. Нејќам да ветувам ништо, но верувам дека во иднина ќе можеме само да напредуваме и да растеме како тим.“ – вели селекторот, Александар Андов.
Првиот натпревар од новиот циклус квалификации за Европското првенство, нашите фудбалерки го играат во петок на гостински терен против Летонија, додека во вторник, на деветти април следува домашен меч против селекцијата на Словенија.