Албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку се најде во фокусот на вниманието, но не поради неговиот квалитет, туку поради испадот што го имаше по мечот против Хрватска. Даку реши јавно преку мегафон да ја навредува Македонија и да ги наведе и фановите на Албанија да го следат неговиот пример. Освен Македонија, на дуелот меѓу Албанија и Хрватска имаше многу навреди кон Србите.
Поради испадот и скандалозното однесување веднаш стигна реакција од фудбалскиот сојуз на Србија, а потоа и Фудбалската федерација на Македонија испрати реакција во која се бара извинување од Даку, но и барање до УЕФА, фудбалерот да добие казна.
Даку го немаше никаде повеќе од еден ден, но откако УЕФА покрена дисциплинска постапка против него, реши да се јави преку фејсбук профилот. Во неговото извинување никаде не е спомнат зборот Македонија или Македонци, тие кои ги навредуваше јавно.
„Здраво на сите вас
Најпрво би сакал да им се заблагодарам на сите оние кои не поддржаа во добрите и тешките времиња на ЕП 2024
Како и секој фудбалер, во тие моменти емоциите се на друго ниво, каде што може да се разбере само внатре на теренот, тешко е да се опише чувството да се игра за оваа репрезентација, за овие прекрасни навивачи кои ни пружаат неограничена љубов, исто како што е нашето мото „Сакај ја Албанија без граници“.
Извинете ако навредив некого по мечот со Хрватска, ефектот од играта си го прави своето, продолжувам да работам заедно со целиот тим за нашите соништа.
Простувањето е машко, а јас чувствувам морална и професионална обврска да го сторам тоа, за сите оние кои се повредени.
Со почит,
Мирлинд Даку.“