Фудбалерот кој лани со трудната сопруга се криеше во бункерите во Киев, сега блеска на ЕП

Еден од најголемите таленти на украинскиот фудбал, Георгиј Судаков, минатата година со својата сопруга, која тогаш беше трудна, се криеше во бункерите во Киев за време на руската инвација над Украина. Една година подоцна, овој фудбалер блеска на Европското првенство за играчи до 21 година во дресот на украинската репрезентација.

Вчера Украина со 3:1 ја победи фаворизираната Франција, а токму Судаков беше херојот на мечот постигнувајќи два гола. Франција поведе со 1:0, но потоа Судаков со головите во 32-рата и 44-тата минута направи целосен пресврт. Во 86-тата минута погоди Бондаренко за конечни 3:1 за Украина.

Судаков моментално има постигнато три гола на ЕП и е прв стрелец на турнирот, покажувајќи дека се работи за голем талент.

„Судаков е најталентиран играч кој некогаш сум го тренирал. Тоа е момче со неверојатен потенцијал. Може да игра дури и во Барселона или Манчестер сити. Остварувањето на неговиот сон беше прекинато со бесмислената војна, поради која заврши во бункер со своето семејство“, вели Фернардо Валенте, тренер на резервниот тим на Шахтар Донецк.

Талентираниот Судаков започна да игра за сениорскиот тим на Шахтар во сезоната 2020/21, а досега има 67 настапи за првиот тим, во кои има постигнато 10 гола и 12 асистенции.

Неговата вредност според „Трансфермаркт“ се проценува на 11 милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести