Фото: Кочо Сотировски; Фото: ФФМ
Вардар против Струга Трим Лум е дербито кое ќе биде во фокусот на македонското фудбалско првенство. Најтрофејниот Вардар на „Градски“ ќе биде домаќин на Струга ТЛ, која во Скопје ќе допатува како лидер на табелата.
Пред неколку месеци Вардар со победа токму против Струга ТЛ во финалето на Купот го освои трофејот кој им фалеше дури 18 години. Димитар Тодоровски беше еден од оние вардарци кои беа творци на таа победа во финалето на Купот, а и сега е еден од главните играчи во Црвено-црниот дрес. Токму Тодоровски е нашиот гостин во рубриката Хуманитарен тикет и се надева дека ќе успее да направи вистинска комбинација за да може да ги израдува оние на коишто им е најпотребна помош.
ВАРДАР ОДИ НА ПОБЕДА ПРОТИВ СТРУГА ТЛ, НО И ПРОТИВ СЕКОЈ ДРУГ РИВАЛ
„Добро започнавме во првенството, а сега нѐ очекува дерби-дуел против Струга ТЛ. Нашата цел е јасна, а тоа е освојување на трите бода. Ако сакаме да се бориме за титулата во првенството, едноставно мора да победуваме во дерби-дуелите како што е овој против стружани“, вели Тодоровски, кој е оптимист дека Вардар има сили да стигне и до двојната круна оваа сезона.
Младиот 23-годишен играч за врска во јануари пристигна во Вардар од редовите на струмичката Брера. Претходно играше и во Работнички, каде што го покажа големиот потенцијал со којшто располага. Сега, со Вардар фокусот му е да продолжи напорно да работи и да освојува пехари.
„Во Вардар има европски услови за работа, за тренинзи и сè што е потребно добро да работиме. Нам играчите ни останува да го даваме максимумот и да ги израдуваме нашите навивачи. Верувам дека и против Струга ќе имаме голема поддршка од трибините од нашите верни симпатизери“, додава Тодоровски.
ИМА НАД 30 НАСТАПИ ЗА МЛАДИНСКИТЕ СЕЛЕКЦИИ НА МАКЕДОНИЈА, СОН Е ДРЕСОТ НА СЕНИОРСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Тодоровски е играч кој од најмала возраст многу добро знае што значи да се бранат боите на Македонија. Тој е играч кој ги има поминато сите младински репрезентативни категории и има над 30 настапи. Сега останува само да биде направен и последниот најголем чекор, а тоа е дебито и во А репрезентацијата на Македонија.
„Настап во сениорскиот репрезентативен тим на Македонија сигурно е сон на секое дете кога ќе почне да игра фудбал кај нас. Имам одлични спомени од настапите во репрезентативниот дрес во младинските категории, но секако дека во иднина би сакал да добијам повик и за А селекцијата. Затоа секојдневно напорно работам и верувам дека овој мој сон ќе се оствари“, додава популарниот Диме.
ГО БАРАА ВО БРАГА ВО ПОРТУГАЛИЈА
За тоа дека Тодоровски е играч со голем талент и потенцијал, потврди и интересот кој пред неколку години го имаше португалскиот клуб Брага. Тоа е екипа која е веднаш зад португалските гиганти и токму Брага сакаше да го доведе Тодоровски, но тој договор се изјалови.
„Уште бев тинејџер, само 17-18 години, кога играв во Работнички, а стигна понуда од Брага. Тоа е голем клуб, кој сакаше да одам таму и да тренирам со Б екипата, да се развивам. Сепак, тогашната управа на Работнички реши дека треба да останам во составот и таа приказна заврши“, открива Тодоровски, кој секако дека со добри игри повторно може да добие понуда за интернационална кариера.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ, МИЛАН И КАКА СЕ НЕГОВИТЕ ЗАШТИТНИ СПОРТСКИ ОБЕЛЕЖЈА
Тодоровски во Вардар го носи дресот со бројот 22, а тоа не е случајно. Негов омилен играч во детските денови бил Рикардо Кака. Како дете за петтиот или шестиот роденден добил дрес од Кака и потоа Бразилецот станал негов идол. Токму поради Кака сега и навива за Милан.
Освен фудбалот, Тодоровски, кој е спортска душа, ги следи и останатите спортови. Кошарката и МЗТ Скопје Аеродром се во прв план.
„Јас сум аеродромец и уште како мало дете со татко ми бев на натпревар на МЗТ Скопје Аеродром во „лименката“ и оттогаш тоа е мојот омилен клуб. Многу сакам да гледам кошарка, дури некогаш попрво на телевизија ќе изгледам некој кошаркарски натпревар отколку фудбал“, низ смеа вели Тодоровски, еден од оние играчи во кои има огромен фудбалски потенција.
Во продолжение, хуманитарниот тикет составен од некогашниот младински репрезентативец на Македонија и играч на Вардар.