Фудбалерот на Интер купи две згради и ги претвори во засолниште за деца

Полскиот репрезентативец и член на Интер, Пјотр Зјелински, е вистински јунак во својата земја поради хуманоста која ја прави. Зјелински пред две години одлучи да купи две згради во својот роден град Забковице, а потоа зградите ги претвори во засолниште за деца.

Зјелински има фондација под името „Петар Пан“ и таа се грижи за деца кои растат во семејства кои имаат проблем со алкохолизам, а во зградитe се сместени претежно деца од такви семејства.

„Сакаме да им обезбедиме психолошка и организациска поддршка не само на децата на коишто им е потребна, туку и на нивните семејства, без разлика дали тие се погодени од болест, сиромаштија или криза во односите со социјалната средина“, пишува на веб-страницата на „Фондацијата Петар Пан“.

Мисијата на Зјелински не завршува само со купување згради и формирање на оваа фондација бидејќи фудбалерот на италијанскиот Интер ја користи секоја прилика по пристигнувањето во Полска да ги посети децата сместени во домот и да се дружи со нив. Така беше и на последниот репрезентативен собир за домашните натпревари на Полска против Португалија и Хрватска во Лигата на нациите.

Инаку, раководењето со фондацијата Зјелински им го има доверено на своите родители кои се грижат за сè и на децата им ги обезбедуваат сите услови за безгрижен живот.

Зјелински е играч на Интер од минатата сезона, кога дојде како слободен играч по завршување на договорот со Наполи. Во Италија претходно има играно и за Удинезе и за Емполи. Зјелински има и 97 настапи за полската репрезентација, а постигна 14 гола.

 

- Оглас -

Најнови вести