Капитен е на младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година и еден од лидерите на Работнички. Пред него е светла иднина, а стручњаците предвидуваат дека во наредната деценија ќе го предводи најдобриот национален состав кон нови успеси.
Матеј Ангелов е гостин на „Спортманија“ и состави хуманитарен тикет, со надеж дека ќе го погоди и дека средствата ќе бидат донирани таму каде што се неопходни и најпотребни.
Тој е лидерот на новата генерација млади фудбалери до 21 година, со оваа селекција имаше искуство и од минатиот циклус. Што се вели, староседелец, а и селекторот му е добро познат, Горан Станиќ, со кого имаше соработка минатата сезона и во Работнички.

Фото: ФФМ
„Мислам дека оваа генерација на Македонија У21 поседува сериозен квалитет. Но, да бидеме искрени, и ривалите што ги добивме во групата навистина се силни. Започнавме со два порази, но не се разочаруваме, напротив, ќе докажеме на следните мечеви дека сме квалитетни и дека Македонија има светла иднина. На стартот загубивме во Полска од Краков, а потоа дојде мечот со Италија во Битола. Имавме и играч повеќе и примивме наивен гол, за 0-1. Искрено, пропуштивме голема шанса да оствариме позитивен резултат и сите сме свесни за тоа, а го заслуживме со нашата игра, посебно во второто полувреме од тој дуел. Но, тоа е веќе зад нас, сега гледаме напред и се подготвуваме за следните искушенија. Во октомври ќе ја пречекаме Ерменија и се надеваме на првиот триумф. Би сакал да искажам благодарност и до публиката во Битола, нѐ бодреше фантастично против Италија, се надеваме дека ќе бидат со нас како поддршка и на следните натпревари затоа што сите заедно сме Македонија“, вели Матеј Ангелов за „Спортманија“.
Има 21 година, но веќе поседува и интернационално искуство. Од Работнички замина во украинскиот прволигаш ЛНЗ Черкаси, но мораше да се врати поради добро познатата ситуација во Украина.

„Одлично искуство за мене како фудбалер. Во Украина се игра одличен фудбал, а квалитетот на лигата е голем дури и во овој период на воен конфликт. Минав шест месеци во ЛНЗ Черкаси, но, сепак, одлучив дека најдобро е да се вратам во Македонија поради добро познатата состојба. Сега повторно сум во Работнички, каде што израснав фудбалски и ќе се обидам да одиграм квалитетно и повторно да заминам во странство. Се разбира, максимално сум посветен во моментов на мојот клуб и на младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година“, потенцира младиот, но веќе искусен фудбалер.

Работнички не стартуваше најдобро, но вчера оствари убедлива победа (3-0) против Пелистер. Сега треба да е полесно, но веќе во следното коло се игра и дербито против Вардар.
„Искрено, не заслуживме да имаме само еден бод по четири натпревари, но вчерашната победа над Пелистер треба да биде мотив да играме многу подобро и да бележиме позитивни резултати во периодот што претстои. Нема ни многу време за радост затоа што веќе в недела нѐ очекува нов голем предизвик против Вардар. Ќе се подготвиме максимално и се надеваме на позитивен резултат“, најавува Матеј Ангелов.
Го следи редовно и меѓународниот фудбал, пред сѐ Топ 5 лигите, па не му беше тешко да состави хуманутарен тикет, иако, како што вели, не е фан на спортското обложување.

„Како фудбалер, не сум фан на спортското обложување, но секако дека го следам меѓународниот фудбал, посебно Премиер лигата. Да се надеваме дека ќе бидеме успешни и со хуманитарниот тикет и дека ќе ги донираме средствата таму каде што се потребни“, истакна фудбалерот на Работнички.
Матеј Ангелов за некоја година сите го очекуваат и во А-тимот на Македонија.
„Дај Боже, тоа е сонот на секој фудбалер, да игра за најдобрата репрезентација на својата држава. Мое е да играм најдобро што можам, а доколку добијам повик, ќе бидам најсреќниот човек и ќе „гинам“ за Македонија на секој меч. Секако, имам период за докажување и во селекцијата до 21 година и се надевам на многу победи во периодот што ни доаѓа“, порачува младинскиот репрезентативец на Македонија.