Горан Стерјов е многу добро познато лице за сите љубители на спортот, па и за пошироката публика. Повеќе од три децении работи како спортски новинар-коментатор на телевизија, а фудбалот му е омилен спорт и кога има важни фудбалски мечеви на МТВ, честопати го слушаме неговиот глас како ги пренесува случувањата на теренот.
„Спортски новинар сум од 1993 година, во март точно 32 години. Почнав во Македонската телевизија и сè уште сум таму, со исклучок на 2,5-те години минати во А1. Како дете, првата желба ми беше да бидам лево крило и ја минав младинската школа на Вардар. Сепак, не станав фудбалер, но ми се исполни другата животна желба кога е во прашање кариерата, а тоа е да бидам спортски новинар–коментатор“, раскажува Стерјов.
ПРЕНОСОТ ОД ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА МУ Е БРОЈ 1 ВО КАРИЕРАТА
Горан бил присутен на четири Светски првенства, две Европски, а финале на Лигата на шампионите двапати коментирал од стадион, и тоа со колегата Тони Стојановски, во 2015 во Берлин, Барселона – Јувентус, и во 2017 во Кардиф, Реал Мадрид – Јувентус.
Сепак, ако треба да издвои еден пренос кој му е омилен во кариерата, го бира оној од Тбилиси, на којшто Македонија ја победи Грузија, со што се пласиравме на Европското првенство.
„Преносот од натпреварот со Грузија по којшто Македонија се пласира на Европското првенство разбирливо ми е најважниот и најомилениот во кариерата. Имам и многу други кои ќе ги паметам, како на пример: Англија – Македонија на ‘Олд Трафорд’, кога беше 0-0 во 2006 година. Исто така и финалето на Мундијалот 2014 на ‘Маракана’ во Рио де Жанеиро меѓу Германија и Аргентина и полуфиналето на Светското првенство 2006 меѓу Германија и Италија во Дортмунд, којшто за мене е еден од највозбудливите и најквалитетните на коишто сум присуствувал. На тој меч веднаш до мене, до коментаторската позиција на МТВ беше Диего Армандо Марадона, кој го коментираше натпреварот за една шпанска приватна телевизија. Кокоментатор ми беше Зоран Бошковски-Чоко, кому Марадона во еден момент му побара цигара. Аргентинскиот волшебник за мене е најдобриот фудбалер, па можеби и спортист во историјата“, вели популарниот Лимун.
ОМИЛЕНИ СТРАНСКИ ТИМОВИ МУ СЕ ЦРВЕНА ЅВЕЗДА И АРСЕНАЛ, А ЈА СИМПАТИЗИРА И АНГЛИСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
„Целиот живот ми е испреплетен со фудбалот, па нормално дека имам омилени тимови. Ќе го прескокнам Вардар за да не ми префрли некој дека како коментатор сум пристрасен, па ќе кажам, Црвена ѕвезда и Арсенал. Покрај за Македонија, која се подразбира, навивам и за англиската фудбалска репрезентација“, открива Горан.
Викендов Арсенал игра премиерлигашко дерби со Манчестер сити. Според Горан, тимот од Лондон може далеку да стигне во Лигата на шампионите.
„Никогаш не сум го гледал Арсенал во живо иако сум бил неколкупати во Лондон и во Англија. Ете, не се поклопило, не знам зошто не отидов ниту кога Арсенал гостуваше во Белград, Загреб, Атина и Софија. Веројатно не сум толку „загреан“ како кога бев помлад. Очекувам Арсенал да биде конкурентен за титулата до крајот на Премиер лигата, ама некако имам чувство дека далеку ќе стигне во Лигата на шампионите“, објаснува симпатизерот на Топчиите.
Хуманитарниот тикет му е богат, има бруто-добивка од над 400.000 денари.
„Имам искуство со обложување, се обложувам. Во последно време често играм на вкупно голови и 1-2 гола прво полувреме и 1-2 гола второ полувреме. И не сум лош“, заклучува Горан, кој состави хуманитарен тикет со шест пара со неговата омилена игра.