Манчестер јунајтед наскоро ќе го официјализира трансферот на Хери Мегваер, англискиот дефанзивец кој изминативе две сезони ги бранеше боите на Лестер. Лисиците наводно ја прифатиле понудата од 80 милиони фунти (60 милиони кеш, останатите во бонуси), по што останува Црвените ѓаволи само да го состават договорот кој Мегваер ќе го потпише деновиве.
Со тоа Англичанецот ќе стане најскап дефанзивец во историјата на најпопуларниот спорт и ќе го урне рекордот на Вирџил ван Дајк, кој во Ливерпул се пресели за 75 милиони фунти. Оваа сума покажува колку всушност фудбалот тотално забега, особено во изминатава деценија.
Пред 10 години, за 80 милиони фунти (94 милиони евра) Реал Мадрид го купи Кристијано Роналдо токму од Јунајтед, што беше светски рекорд, а не треба да се зборува каква трага остави Португалецот во Кралскиот клуб. Несомнено е дека најдобриот играч кој некогаш го носел белиот дрес освои бројни клупски и индивидуални трофеи, а најмногу импресионира неговата статистика – постигна вкупно 450 гола и 131 асистенција на 438 натпревари за Реал.
Мегваер до пред две сезони играше за клуб кој се бореше за опстанок во Премиер лигата, а Лестер го доведе за околу 12 милиони фунти од редовите на Хал сити. Точно е дека стана незаменлив на својата позиција откако го облече дресот на Лисиците, настапи на 75 натпревари и запиша пет гола, а воедно заработи повик во англиската репрезентација.
Ваквите трансфери се резултат на тектонските нарушувања на фудбалскиот пазар, а секоја година сè почесто се трошат огромни средства за еден играч. На пример, лудост е сумата за која Кепа Аризабалага лани премина од Атлетик Билбао во Челзи, кога за 80 милиони евра стана најскап голман во светот.
Ако Мегваер навистина вреди повеќе од Ван Дајк, тогаш со своите настапи за идниот клуб ќе треба да го засени учинокот на Холанѓанецот, кој изминатава сезона беше непробоен ѕид за Црвените во одбраната, а сега како европски првак конкурира за Златната топка.