Фудбалска бајка – Пред десеттина години не можеше да оди, сега игра за Реал Мадрид и ќе настапи на ЕП за светскиот првак

Приказната на Ферланд Менди, 23-годишниот лев бек на Реал Мадрид е вистинска фудбалска бајка што младиот играч ја раскажа за „Ле Паризиен“. Проткаена со елементи на челична волја и упорност да се преживеат многу неизвесни моменти во кариерата и да се стаса до врвот.

Менди, кој беше член на фудбалската Академија на Пари Сен Жермен пред една декада, на 14-годишна возраст се соочил со огромен проблем што се закани да му го уништи сонот, да продолжи да игра фудбал.

Му беше откриен артритис на колкот и мина неизвесни неколку месеци на битка, најпрво за да може повторно да оди. Живееше со помош на инвалидска количка, како помагало за да може да ја посетува болницата во близина на Рамбуе во Париз, каде половина година ја мина во рехабилитацискиот процес.

„Не можев воопшто да одам и минав долг период во инвалидска количка. Сепак бев дете и не се грижев премногу. Верував дека ќе успеам повторно да играм фудбал и да си го исполнам сонот. Сега играм за Реал Мадрид, се надевам и дека ќе бидам во соатавот на репрезентацијата на Франција за Европското првенство. Не е лошо за момче што имаше артритис на 14-15 годишна возраст“, вели Менди.

За среќа на 23-годишниот лев бек, успеа да закрепне и повторно да оди без помагала, а потоа следуваше убавиот дел од фудбалската приказна. Менди се пресели во Лион, каде ги презентираше раскошниот потенцијал и голем квалитет што го доведе во позиција да биде еден од најдобрите дефанзивци на планетата.

Во 2019 година за сума од 53 милиони евра се пресели во Реал Мадрид, а стаса и да одигра 7 натпревари за светскиот првак Франција, селекција за која ќе настапи и на Европското првенство во јуни и јули годинава.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести