Натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Ајнтрахт од Суперкупот на УЕФА кој се игра вечерва од 21 часот ќе биде првиот официјален настан на кој ќе се употреби модерната САОТ технологија за детектирање на офсајд-позиции.
САОТ е кратенка од англиските зборови за полуавтоматска офсајд технологија. Се планираше САОТ да дебитира на Светското првенство во Катар, но УЕФА ја претрка ФИФА, па вечерва во Хелсинки судиите ќе имаат голема помош при откривање на офсајд-позиции.
Под покривот на стадионот ќе има инсталирано од 10 до 12 камери кои ќе го следат движењето на топката и 50 пати за една секунда ќе детектираат 29 точки на телото на играчот, а софтвер ќе анализира во реално време и перфектно ќе ја пресмета позицијата на играчот во моментот на додавање и дали е во офсајд. Ако има офсајд, судиите во ВАР-собата веднаш ќе добијат сигнал, па нема да се губи време со цртање линии како со ВАР-технологијата.
Полуавтоматскиот офсајд ќе се користи само ако фудбалерот кој е во недозволена позиција ја допре топката. Ако играчот на друг начин влијае врз акцијата, тогаш одлуката дали имало офсајд ќе ја носат судиите на теренот.