Фудбалската федерација на Македонија ќе гради нов репрезентативен стадион во Аеродром со 12 илјади места

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука за отпочнување постапка за изградба на нов репрезентативен стадион со капацитет од 12.000 места во рамките на „Куќата на фудбалот“ во општина Аеродром.

Фудбалската федерација на Македонија заедно со општина Аеродром е носител на проектот. Во изградбата на капиталниот фудбалски објект, исклучително важна е поддршката од Владата на Република Македонија, истакнаа од ФФМ.

Проектот за новиот репрезентативен стадион е директно поддржан со средства од УЕФА и ФИФА преку програмите за подобрување на фудбалската инфраструктура.

„Поттикнати од искрената желба и отвореноста за помош и поддршка од општина Аеродром и градоначалникот Муцунски, но и државните институции и по одржани неколку состаноци со одговорните луѓе во УЕФА и ФИФА, заедно со членовите на УО на ФФМ донесовме одлука за изградба на нов, репрезентативен стадион во рамките на „Куќа на фудбалот“. 

Започнуваме постапка за изградба на стадион со минимален капацитет од 12.000 гледачи по сите критериуми на УЕФА и ФИФА за одигрување на клупски и репрезентативни натпревари од највисок ранг. 

Наша обврска како Фудбалска федерација на Македонија е да придонесеме за напредок на фудбалот, а најдобар начин да го потврдиме тоа е преку изградба на стадион, кој ќе биде обележје на времето кое ни ги носи најголемите фудбалски успеси во нашата историја“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

На седницата на Управниот одбор на ФФМ е донесена одлука Раде Каранфиловски да биде селектор на македонската репрезентација за играчи до 14 години, а Дашмир Беари на селекцијата до 15 години.

Утврден е и терминот за финалињата во Националниот куп кои ќе се играат во мај и јуни, а главниот настан, мечот за пехарот кај мажите, ќе се одигра на 20 мај на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Еве го комплетниот распоред на сите финални мечеви во купот на Македонија:

– Женска конкуренција (18.05.2022)

– Машка конкуренција (20.05.2022)

– Помлади пионери (01.06.2022)

– Пионери (01.06.2022)

– Кадети (02.06.2022)

– Младинци (02.06.2022)

 

 

- Оглас -

Најнови вести