Тензиите на мечот меѓу Вардар и Башкими не останаа само на теренот. Инцидентите и навредите што се случија на трибините веднаш предизвикаа политички полемики за национализам во Македонија. Додека фудбалската јавност очекуваше спортски дуел, дискусиите прераснаа во обвинувања за „политички мотивирани испади“, кои повторно ја потенцираат чувствителната национална тематика во македонскиот спорт.
Никој не очекуваше дека првенствениот меч во кој Вардар беше голем фаворит ќе заврши со физичка пресметка меѓу дел од фудбалерите, а дека по натпреварот ќе се вмеша и дел од раководството на Башкими, во блиска средба со полицијата.

Темата продолжи да се развива во јавноста и се вклучија дел од актерите на теренот, но и на политичката сцена. Свои ставови изнесоа новинари, медиуми, па дури и министри од Владата и парламентарци од соседна Албанија.
Оваа ситуација ја отвори дебатата за улогата на спортот како огледало на општествените тензии, но и за потребата институциите и клубовите да работат на создавање атмосфера каде што навивачите ќе се фокусираат на фудбалот, а не на националистичките поделби. Иако инцидентите беа краткотрајни, нивниот ефект се пренесе во јавноста и предизвика реакции на политичко ниво, што дополнително ја комплицира и така тензичната фудбалска сцена во земјата.
Сега се отвораат сомнежи и за ферплејот на Башкими, клуб за кој има огромна дамка и поради начинот на којшто влезе во елитата, со скандалозниот гол за 1-2 против Кожуф во Гевгелија, во ланската сезона од Втората лига.

