Фудбалски бал на резервите – Хендикепот да се преточи во победа против Грузија

Македонија и Грузија ќе го играат клучниот меч за првото место и пласман во Б дивизијата во Лигата на нациите со многу проблеми и отсутни стандардни првотимци кај двете селекции.

Големи маки како да се состави екипа за победа пред мечот вечерва од 20.45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје имаат и Игор Ангеловски и Владимир Вајс.

Македонија ќе мора да оди на победа без Елиф Елмас, Енис Барди, Висар Муслиу, Стефан Спировски, Егзон Бејтулаи, Аријан Адеми, сите стандардни репрезентативци, и плус без Тошевски и Хасани.

Тоа е голем хендикеп во меч што е клучен за првото место во групата на патот да се прескокне уште еден ранг на натпревари во Лигата на нации и за две изданија да се стигне од Д до Сегментот Б.

Ангеловски дополнително повика петмина играчи, но и еден од нив, Агрон Руфати, нема право на настап поради суспензија со жолти картони заработена во дресот на младата селекција на Македонија.

Љупчо Дориев и Енур Тотре од Шкендија, Дарко Мицевски од Вардар и Томе Китановски од Македонија Ѓорче Петров се на располагање откако дополнително беа приклучени за мечот со Грузија.

Можно е вечерва да брани Столе Димитриевски, откако не му беше дозволено да настапи против Естонија во Талин по првичната информација дека е позитивен на тест на ковид-19, што подоцна се покажа како неточно.

Во одбраната би требало да играат Стефан Ристовски, Кире Ристевски, Дарко Велковски и евентуално Ѓоко Зајков. Езџан Алиоски ќе биде во составот, стандардно на левата бочна позиција, а во средниот ред место веројатно ќе има за Костадинов, Николов и Дориев.

Капитенот Горан Пандев и Илија Несторовски се сигурни во офанзивата, каде што треба да им се приклучи или Трајковски или Тричковски.

И Грузија има идентични проблеми, а и кај нив недостасува речиси половина тим. Стрелецот од првиот меч против Македонија, Торнике Окријашвили, нема да игра, заедно со капитенот Канкава, потоа и Чакветаѕе, Отар Кабакаѕе, Гурам Кашија и Ѓорѓи Абурџанија.

Двете селекции се без пораз по три кола во втората група од Сегментот Ц и имаат по пет бода, пред Ерменија со 4 и Естонија со еден бод.

Можни состави

МакедонијаДимитриевски – Ристовски, Велковски, Ристевски – Алиоски, Николов, Костадинов, Дориев – Пандев – Несторовски, Трајковски.

ГрузијаЛорија – Џигаури, Кочолава, Квирквелија, Наваловски – Квеквескири, Шенгелија – Кваратшкелија, Давиташвили, Вако – Квилитаја.

 

- Оглас -

Најнови вести