Дербито во втората фудбалска Лига меѓу Вардар и Гостивар денеска беше вистински фудбалски спектакл, стадионот во Маџари беше претесен да ги прими сите фанови кои сакаа да го следат натпреварот, падна понуда за брак на трибините, на теренот се појави легендарниор Андон Дончевски, а впечатокот малку го расипаа фудбалерите кои не постигнаа гол.
Дури 1.000 фанови не успеаја да влезат на трибините на стадионот во Маџари и да проследат дуелот на второ и третопласираниот тим во Втората фудбалска лига на кој почетниот удар го изведе легендарниот тренер на Вардар и прв селектор на фудбалската репрезентација на Македонија од осамостојувањето, Андон Дончевски.
Дончевски пред натпреварот доби два дреса кои имаат многу симболика, првиот е со бројот 217, што го претставува бројот на постигнати голови за Вардар, а вториот е со бројот 87, годината во која Црвено-црните ја освоија шампионската титула во поранешната СФРЈ (1987) и година во која се формирани Комитите (1987).
Освен Комитите, шоу на трибините приреди и тренерот Дарко Пешевски кој ја побара раката на својата девојка Ивана. Таа пред полнатата трибина го кажа судбоносното Да.
На теренот, фудбалерите на Вардар и Гостивар одиграа без голови, а на Црвено-црните не им помогна ниту тоа што од 38-та минута играа со играч повеќе.
Вардар со ремито се израмни со Воска на лидерската позиција на табелата, и двете екипи имаат по 56 бода, додека Гостивар е трет со бод помалку.