Од денеска, па во наредните 10 дена низ светот ќе се одиграат 157 фудбалски натпревари на репрезентации кои ќе се борат на повеќе фронтови, а најголемиот дел ќе водат битка за место на Светското првенство 2022.
Сепак, фудбалското лудило стартува со завршницата на Лигата на нацииte во Европа, каде што четири тима се кандидати за подигнување на победничкиот пехар. Вечерва е првото полуфинале помеѓу Италија и Шпанија, а утре играат Белгија – Франција. Потоа победниците ќе играат финале, а поразените ќе имаат меч за трето место.
Од квалификациите за Мундијалот, низ Европа ќе се играат 50 меча. На два од нив ќе настапи и македонскиот национален тим. На африканскиот континент ќе се игра 41 средба од квалификациите за СП, а во Јужна Америка 15 меча од квалификациите за Катар 2022.
По 12 меча ќе има во квалификациите за СП во Азија и КОНКАКАФ зоната (Северна и Средна Америка). Остануваат уште четири дуели од квалификациите за Азиското првенство и 19 пријателски натпревари.