Фуриозни пет минути, па „штама“: Атлетико славеше против Барди и Леванте

Атлетико Мадрид ја продолжи традицијата да победува во првиот нивен меч од секоја Нова година, па така беше и во дуелот против Леванте. Јорганџиите славеа со 2-1 против тимот на нашиот Енис Барди, меч кој се одигра во две различни сценарија.

Фудбалерите на Атлетико тргнаа фуриозно и веќе во првите неколку минути има неколку шанси преку кои можеа да ја затресат мрежата на гостите.

Разиграните Јорганџии на тој начин стигнаа до водство од 1-0 преку Кореа во 13-тата минута, на што Леванте одговори преку Роџер само четири минути подоцна за 1-1. Но, тука не застана гол-шоуто, бидејќи веќе во следниот напад Фелипе донесе нова предност за Атлетико, воедно поставувајќи го конечниот резултат.

Наместо да се продолжи во исто темпо, второто полувреме беше како приспивна песна, а за гостите убави шанси не искористи Барди. Македонскиот репрезентаитец прво изведе мал слалом пред шестнаесетникот на Облак пред да упати опасен удар, но словенечкиот голман беше на ниво на задачата, а потоа во судиското надополнување уште еднаш доби рампа од Облак.

Атлетико по овој меч застана на третата позиција на табелата со 35 бода, исто колку што има и Севилја, додека Леванте со деветтиот претрпен пораз сезонава останува на 26 бода и деветтото место.

 

- Оглас -

Најнови вести