Македонската футсал репрезентација ги заврши квалификациите за Европското првенство 2025 со уште еден разочарувачки резултат, откако вечерва загуби на гостувањето кај Андора со 2-1.
Овој пораз значи дека селекцијата предводена од Васко Скендеровски завршува убедливо на последното место во групата 7, со само еден освоен бод. Македонија забележа едно реми и пет порази, со вкупна гол разлика 3-18.
На табелата, Португалија доминираше со максимални 18 бодови, Холандија заврши на второто место со 8, Андора е трета со 6, додека Македонија останува на дното.
Што се однесува до натпреварот, резултатот беше 0-0 сè до 36-та минута, кога Регало донесе предност за Андора. Само минута подоцна Тодоровски израмни на 1-1, но радоста не траеше долго, бидејќи Блат во 37-та минута го постигна победничкиот гол за домаќините.
За нашата репрезентација на овој натпревар настапија: Петровски, Левеским, Крстевски, Благојевски, Рамадан, Стојановски, Исмаили, Пеев, Б. Јанев, Рамадани, Зибери, Петровиќ, Мар. Тодоровски и Димков.
Со овој неславен епилог, Македонија завршува уште еден неуспешен квалификациски циклус, со многу проблеми кои треба да се анализираат пред идните предизвици.