Гаф на антидопинг-агенцијата, на тестирање од Норвешка ги викнале Халанд и – двајца починати!

Пред натпреварот од Лигата на нациите на Норвешка против Казахстан, во репрезентацијата на Норвешка добиле чудно барање од антидопинг-агенцијата. Побарано било петмина нивни играчи: Ерлинг Браут Халанд, Јорген Странд Ларсен, Антонио Нуса, Оскар Боб, Ејнар Гундерсен и Јорген Јуве да бидат тестирани.

Ваквите барања се дел од вообичаените процедури, но Норвежаните ги збуни тоа што на списокот се и двајца поранешни репрезентативци кои одамна се починати. Гундерсен почина во 1962 година, а Јуве во 1983 година.

„Веднаш прашавме дали се сериозни или се работи за скриена камера. Веројатно го погледнале рангирањето на најдобрите стрелци при изборот“, изјави селекторот Стале Солбакен.

Јуве е најдобар стрелец на Норвешка на сите времиња со 33 гола, додека Гундерсен постигна 26.

„Гундерсен и Јуве беа повикани малку доцна, мислам дека тестовите ќе бидат негативни“, се пошегува Солбакен.

Од Агенцијата се извинија за грешката и се заблагодарија што нивниот гаф бил прифатен на хумористичен начин.

„Факт е дека се случи голема грешка. Не можеме со сигурност да знаеме како дошло до грешката, но може да се каже дека ќе бидеме многу повнимателни во иднина“.

- Оглас -

Најнови вести