Гала финале во Њујорк – Надал против Медведев за пехарот на УС опен

Гала финале ќе се игра во Њујорк вечерва од 22 часот, а за гренд-слем титулата на УС опен битка ќе бијат двајцата тенисери со најмногу победи во 2019 година.

Рафаел Надал како втор носител е очекувано во финалето на последниот гренд-слем во сезоната, а според игрите и патот на Данил Медведев до мечот за титуле не е неочекуван. Рускиот тенисер игра во страшна форма сезонава и има најмногу победи од сите тенисери.

Со биланс од 50-2 на АТП турнирите оваа година, 23-годишната руска сензација заслужи меч за гренд-слем титула. Со прекрасни игри и во Њујорк се проби до гренд-слем финалето, прво за него во кариерата.

„Не ме прашувајте за победа против Надал. Па тој е машина, еден од најдобрите тенисери во историјата на играта. Среќен сум што ќе имам шанса да играм за гренд-слем трофеј“, изјави Медведев.

Веднаш зад него со 46 победи на АТП турнирите во 2019 е токму Надал. Шпанскиот лисец игра брилијантен втор дел од сезоната, а сега ќе бие битка за 19-та гренд-слем титула, со што би му се доближил на рекордерот Роџер Федерере на само едно скалило.

Надал има три пехари од Њујорк, знае како се победува во големите финалиња и е голем фаворит вечерва на „Артур Еш“ арена.

Двајцата тенисери веќе играа едно вредно финале и тоа пред неполн месец во Монтреал на Роџерс купот и Надал го декласира Медведев со 6:3, 6:0.

Сега влогот е уште поголем, Медведев ја крена формата и ќе го игра четвртото финале по ред на турнирите во Северна Америка и не е без шанси за прва гренд-слем титула во кариерата.

 

- Оглас -

Најнови вести