Фудбалерите на Ливерпул доживеаја неочекуван пораз на гостувањето кај Галатасарај, и тоа со гол од пенал уште во 16-тата минута. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Виктор Осимен, а ѕвездите на Ливерпул не успеваа да го пронајдат патот до противничкиот гол, иако имаа 15 шута и 66% посед на топката.
Изненадувачки резултат имаше и на северот на Европа, каде што Бодо/Глимт беше пред сензација против Тотенхем, со оглед дека имаше водство од 2-0, но премиерлигашот успеа да се спаси од пораз и да освои бод (2-2).
Жозе Мурињо имаше неславно враќање на „Стемфорд бриџ“ бидејќи неговата Бенфика загуби со 1-0 од Челзи, и тоа со комичен автогол на Риос.
Атлетико Мадрид беше убедлив и славеше со 5-1 над Ајнтрахт Франкфурт на домашен терен, а со тој резултат славеше и Баерн Минхен на гостувањето кај кипарскиот Пафос.
Убедливи победи забележаа и Интер и Марсеј. Членот на Серија со 3-0 ја победи Славија Прага, додека Французите со 4-0 беа убедливи против Ајакс.

