Сагата околу иднината на Виктор Осимен е на пат конечно да заврши. Турскиот гигант Галатасарај и италијанскиот клуб Наполи се во завршна фаза на преговорите за трансферот на нигерискиот голгетер, при што според најновите информации, двете страни се блиску до финален договор.
Трансферот се очекува да биде реализиран за вкупна сума од 75 милиони евра. Исплатата ќе се одвива во две фази – првични 40 милиони евра веднаш, а остатокот од 35 милиони ќе биде исплатен до крајот на 2026 година.
Овој трансфер ќе биде рекорден за Галатасарај кога станува збор за влезни играчи, додека за Наполи ќе претставува втората најголема продажба во историјата, по трансферот на Гонзало Игуаин во Јувентус во 2016 година за 90 милиони евра.
Особено интересен детаљ во договорот е т.н. „антииталијанска клаузула“, според која Галатасарај нема право да го продаде Осимен на клуб од Серија А до јуни 2027 година. Доколку ова правило се прекрши, турскиот клуб ќе мора да ја исплати целата трансферна сума – 75 милиони евра веднаш.
Официјализацијата на трансферот се очекува во наредните денови, со што Галатасарај ќе добие големо засилување во нападот, а Наполи ќе реализира профитабилен договор за една од своите највредни ѕвезди.