Турскиот првак Галатасарај лошо ја стартуваше битката за одбрана на тронот. По поразот во првото коло од Денизлиспор со 2:0, избраниците на Фатих Терим синоќа на свој терен ремизираа 1:1 против Коњаспор.
Иако домаќините беа големи фаворити за победа, на крајот гостите се радуваа на освоен бод. По првиот дел беше 0:0, а потоа Рајан Бабел погоди за водство на Галатасарај од 1:0. Потоа Галатасарај остана со играч помалку по исклучувањето на Сери, а гостите решија да нападнат до последната минута.
Судијата реши да продолжи шест минути од изгубеното време, а буквално во последниот напад, Коњаспор стигна до гол за реми. Во нападот за погодок, во еден момент двајца гостински играчи се обидоа да шутираат, но наместо тоа, се судрија, топктата се одби во шеснаесетникот, погоди еден играч на домаќините и заврши како одлична асистенција за Јонсен.
Данецот непречен од никого погоди за 1:1 и шок за домашните фанови, но и за многу оние кои чекаа победа на Галатасарај на домашен терен.