Баерн Минхен постигна договор со Галатасарај за трансфер на десниот бек на турскиот гигант, Саша Бое. Младиот 23-годишен Французин ќе потпише договор кој ќе го обврзе да остане на „Алијанц Арена“ до 2029 година.
Германскиот гигант не жалеше пари и за овој трансфер ќе искешира 29 милиони евра. Бое пристигна во Галатасарај од тимот на Рен во 2021 година и тоа за трансфер од само 1,15 милиони евра. Во дресот на истанбулскиот тим, дефанзивецот одигра 83 натпревари во кои имаше и четири гола, но и четири асистенции покажувајќи дека може да биде корисен и во офанзивниот дел.
Бое сезонава игра посебно добро, а тоа го забележаа и главните луѓе на Баерн Минхен, затоа што овие два тима беа во иста група од Лигата на шампиони. Баварците експресно реагираа и решија да го купат играчот кој имаше договор со Галатасарај до 2025 година. Турскиот тим со овој трансфер успеа да заработи речиси 29 пати повеќе од тоа што го плати Бое пред неполни три години.