Галевски: Сон на секое дете е да игра за Македонија, со срце и инает до успех на СП

Иван Галевски заедно со Никола Митревски и Марко Кизиќ ќе го сочинува триото голмани на македонската машка ракометна репрезентација на Светското првенство кое се игра месецов, а за 20-годишниот чувар на мрежата на Алкалоид, ова ќе биде деби на големите натпреварувања.

„Чест, задоволство, и привилегија е што сум дел од националниот тим, сон на секое дете е да игра за репрезентацијата. Годинава ми се освтари сонот, ова ќе ми биде прво големо натпреварување, се борам за секоја минута на теренот и ќе се потрудам да ја оправдам довербата на најдобар начин“, вели Галевски.

Македонскиот тим ќе биде фаворит на хартија против Гвинеја, а аутсајдер во дуелите со Унгарците и Лалињата.

„Ова е спорт, топката е тркалезна, ако проработи македонскиот инает и македонското срце што го имаме, зашто да не се надеваме на позитивен резултат. Најбитно е што ќе имаме навивачи, Фалангата е дополнителен мотив за нас, ветер во грб, осми играч, тие секогаш се тука за нас, несебично ни даваат поддршка кога играме и во странство и на домашен терен. Сигурен сум дека ќе придонесат за добри резултати на репрезентацијата“, додава еден од најмладите поединци во составот на селекторот Кирил Лазаров.

Македонија во првата фаза на СП ќе игра во хрватскиот град Вараждин и тоа против Унгарија (15-ти јануари), Холандија (17-ти) и Гвинеја (19-ти). Првите три одат понатаму, а и втората фаза е во Вараждин.

- Оглас -

Најнови вести