Гостувањето на Монца кај Милан е најважниот натпревар во животот за Адријано Галијани, барем така кажа во интервјуто за шпански „Ас“ актуелниот директор на Монца, а некогашен успешен директор на Милан.
Мечот ќе биде незаборавен и за газдата Силвио Берлускони, кој сега ја води Монца, а беше прв човек на Милан во годините на најголеми успеси на клубот. Галијани за 31 години во Милан, освои 29 трофеи, а од друга страна, роден е во Монца, цел живот навивал за тој клуб, и дочека Монца првпат да стане прволигаш и да игра против неговиот Милан.
„Цела недела правам ментални вежби, знам дека камерите ќе ме снимаат и затоа ќе се обидам да не мрднам цел натпревар. Нека има и голови, пенали, ВАР, моето лице ќе остане исто, неутрално. Не можам да навивам за никого“ – вели Галијани, кој додава дека идејата на Монца не е да стане Милан, Барса или Реал, тоа не е можно, туку ќе пробаат да бидат од типот на Удинезе, Аталанта, Сасуоло, или како Вилјареал од шпанските.
Галијани смета дека Карло Анчелоти кој го води Реал Мадрид, е најдобар тренер на светот.
„Грешат во врска со Карло. Велат дека има четири титули во Лигата на шампионите. Не е точно, има шест. Со Милан освои две и како играч. Тој е најдобар тренер на светот, и точка. Никој освен него ги нема освоено сите пет топ лиги во Европа. Само тој го може тоа, мислам дека никој нема да го повтори тоа“ – смета Галијани.