Адријано Галијани откри дека одбил понуда да стане претседател на Монца, а промоцијата на Монца во Серија А во 2022 година повеќе му значела отколку титулата освоена со Милан во Лигата на шампионите.
Некогашниот директор на Милан веќе не е дел од Монца, па отворено зборуваше во едно интервју.
„Со силни емоции си одам од клубот кој го сакам уште од мојата петта година, кога мајка ми ме носеше на стадион во мојот град. Им благодарам за понудата да бидам претседател, но не се гледам во клуб чиј газда не е Берлускони“, рече Галијани.
Потоа тој објасни која е разликата во успесите на Монца и Милан.
„Милан имаше две европски титули пред да дојде Берлускони. Монца никогаш немаше играно во Серија А. Затоа повеќе ми значеше тоа отколку титулите на Милан во Лигата на шампионите. Кога претседателот вети дека Монца ќе игра во Серија А, некои луѓе се смееја. Исто како кога вети дека Милан ќе стане европски и светски првак“, вели 81-годишниот Галијани.
Тој посакува Масимилано Алегри да му донесе Скудето на Милан.
„Макс е одличен тренер. Уште кога беше во Каљари му реков дека е идеален за во Милан. Мојот сон е тој да успее и оваа сезона, како во 2010 која му беше прва во Милан. Оптимист сум, знам дека може“, заклучува Галијани.