Meѓу многумината кои ги анализираа причините за поразот на Италија од Босна и Херцеговина и фактот дека Аѕурите третпат по ред нема да бидат дел од Светското првенство, со свое мислење се јави и поранешниот претседател на Милан, Адријано Галијани. Легендарниот Галијани вели дека причините за овие неуспеси и отсуството од Мундијалите, треба да се бара во падот на квалитетот во италијанската Серија А. Тој вели дека ситуацијата во италијанскиот фудбал се променила од 1990-тите.
Галијани ги спореди останатите спортови со фудбалот и вели дека ако во минатото во фудбалот тие доминирале, сега успеси имаат во други спортови, но фудбалот носи разочарувања.
„Секако дека сум многу тажен, како и секој Италијанец. Генерално, така е со фудбалот и спортот, тоа е нивната природа. По прекрасната недела, со победи во Формула 1, Мото ГП и титула за Јаник Синер, дојде многу тажен вторник. Сè е циклично – кога фудбалот победуваше, другите спортови не. Не сакам да давам коментари што веќе сум ги слушнал и прочитал. Сè се промени од 90-тите години на минатиот век, кога клубовите и нашата репрезентација победуваа. Националната репрезентација е одраз на првенството. Нивото на фудбалот генерално падна, но мора да ја погледнеме ситуацијата од сите можни гледни точки, а не само да го обвинуваме претседателот на Федерацијата“, коментираше Галијани во интервју за „Скај спортс“.

