Галските петлиња ја декласираа Србија, сега Македонија појасно го гледа второто место

Галските петлиња беа убедливи и со 3:0 ја декласираа Србија во Белград, резултат што ѝ одговара на Македонија во трката за пласман на Европското првенство што ќе се игра во 2023 година.

Со головите на Адли и на Гуири во првото полувреме, младите француски фудбалери на возраст до 21 година најавија сигурна победа на стадионот на Партизан, а печат стави Черки со гол во финишот на мечот.

Претходно во меч од четвртото коло во Х групата за пласман на ЕП, Македонија ја победи Ерменија со 2-1, со головите на Марко Ѓорѓиевски и на Методи Максимов, и се проби на третото место со 5 бода.

Франција е лидер со 10 бода, пред Украина со 9, а Македонија е зад нив во битката за првите две места. Првото води директно на ЕП 2023, а втората позиција може да донесе бараж за учество на шампионатот.

Следен противник на Македонија е Украина на 11 ноември во Скопје, а до крајот на квалификациите има уште шест кола.

- Оглас -

Најнови вести