Нова сезона во Лигата на шампиони и ново разочарување на Пари Сен Жермен. Францускиот тим по петти пат во последните седум сезони е елиминиран уште во осминафиналето на елитната лига на УЕФА, иако постојано се споменуваа во листата на фаворити за титулата.
ПСЖ во двомечот против Баерн Минхен во повеќе од 180 минути не успеа да постигне ниту еден гол, а на крајот прими вкупно три погодоци. Тренерот на ПСЖ, Кристоф Галтие е разочаран на начинот на кој го примија првиот гол во Минхен.
„Дозволивме да примиме еден навистина глупав гол, а во вакви мечеви мора да бидеме многу посконцентрирани. Играчите на Баерн Минхен постојано правеа притисок. Кога ќе бидете во заостанување од еден гол по еден час игра, работите стануваат многу покомплицирани. Навистина е разочарувачки за нас. Доколку дадовме први погодок, ситуацијата ќе беше многу поинаква“, вели Галтие, кој воопшто не размислува за оставка од тренерската позиција кај Светците.
ПСЖ беше елиминиран од Купот на Франција, сега е во аут и од Лигата на шампиони, па останува фокусот да им биде во трката за титулата во домашното првенство.