Македонскиот првак Пелистер доживеа втор пораз оваа сезона во Лигата на шампионите откако синоќа пред своите навивачи загуби од данскиот ГОГ Гудме.
Пелистерци имаа предност од пет гола во првото полувреме, но падот во играта во вториот дел им овозможи на Данците без многу проблеми да го скршат отпорот на домаќините и да стигнат до победа.
Тренерот Рубен Гарабаја ги посочи лошата одбрана и долгото кризно време во играта како главни причини за поразот.
„Почнавме многу добро, ги следевме тактичките замисли на почетокот и тоа функционираше. Потоа тие ја сменија играта, тргнаа со нов напад и почнаа да играат директно со многу ситуации ‘еден на еден’. Кога беа со човек повеќе, тоа направи разлика. Долго време ни требаше да се навикнеме на таквата игра. Ги заборавивме нашите тактички движења и потоа доцна се разбудивме. Жалам што имаме неколку важни средби во Суперлигата, ама таков е календарот“, изјави Гарабаја.
Ова беше еден од клучните натпревари за Пелистер во борбата за пласман во плејофот од Лигата на шампионите. Идната недела следува пауза во ракометната Лига на шампиони, а во четвртото коло македонскиот првак ќе гостува кај Висла Плоцк во Полска.