Тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја, ја пофали играта на неговиот тим во второто полувреме на натпреварот со силната Барселона. Барса славеше во Битола со 34-30, а пелистерци предводени од Митревски, Манасков и Хенигман, дадоа солиден отпор во рамките на своите можности против еден од најсилните тимови во Европа.
„За да ја победиш Барселона, мора да бидеш совршен. Имавме добар натпревар, но не совршен. Направивме неколку лесни грешки, не најдовме решение да ги запреме во одредени ситуации. Второто полувреме беше многу подобро, видов борба. Имавме мала шанса на крајот од натпреварот, но не можевме да победиме. Мислам дека се подобруваме секој ден и стануваме подобри, мора да се фокусираме дури и на најмалите детали во играта“, рече Гарабаја.
Еден од најистакнатите кај Каталонците беше Словенецот Домен Макуц.
„Беше убаво да се игра во оваа фантастична атмосфера од првата до последната минута. Задоволен сум што победивме, не беше толку лесно како што изгледаше. На крајот, натпреварот заврши со четири гола разлика, задоволни сме од она што го постигнавме и дојдовме со два бода. Еурофарм Пелистер игра добро, особено дома“, изјави Макуц.