7.9 C
Skopje
среда, 7 јануари 2026

Гарначо фати сеир на отказот на Рубен Аморим

Манчестер јунајтед официјално соопшти дека Рубен Аморим доби отказ, а тоа предизвика и многу реакции. Меѓу првите и највпечатливите се најде и Алехандро Гарначо, поранешниот фудбалер на Црвените ѓаволи, кој токму поради португалскиот стратег го напушти „Олд Трафорд“.


Аргентинецот јасно покажа задоволство од заминувањето на Аморим, со што беше ставен крај на неговата неуспешна 14-месечна епизода на клупата на Јунајтед.

Аморим го презеде Манчестер јунајтед во ноември 2024 година со амбициозна идеја, имплементација на формацијата 3-4-3 која му донесе голем успех во Спортинг. Сепак, системот не функционираше во Премиер лигата и се покажа како кобен за неколку офанзивци. Имиња како Антони, Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо постепено беа тргнати во втор план, а денес веќе не се дел од клубот.

Слична судбина го снајде и Гарначо. И покрај тоа што е производ на младинската школа на Јунајтед, 21-годишниот Аргентинец не успеа да се наметне кај Аморим, а кон крајот на сезоната 2024/25 стана јасно дека за него нема место во визијата на португалскиот тренер.

Следуваше трансфер во Челзи вреден 45 милиони евра, со кој Гарначо побара нов почеток. Иако ја прифати новата средина на „Стемфорд бриџ“, внимателно ги следеше случувањата во својот поранешен клуб. Неговото незадоволство кулминираше по поразот на Јунајтед од Тотенхем со 1-0 во финалето на Лига Европа во 2025 година.

„До финалето играв во секоја рунда и ѝ помагав на екипата, а потоа добив само 20 минути. Не знам… Финалето ќе влијае на мојата одлука, но и целата сезона и ситуацијата во клубот. Ќе се обидам да уживам во летото, па ќе видиме што ќе се случи“, изјави тогаш Гарначо.

Дополнителна „искра“ фрли и неговиот брат Роберто, кој на социјалните мрежи напиша дека Гарначо бил неправедно тргнат на страна и „фрлен под автобус“ и покрај неговиот придонес.

Дека конфликтот со Аморим не е заборавен, покажа и активноста на Гарначо на социјалните мрежи. Навивачите брзо забележаа дека Аргентинецот „лајкнал“ објава на Фабрицио Романо за отказот на португалскиот тренер – потег што многумина го протолкуваа како јасна порака.

При трансферот во Челзи, Алехандро Гарначо ја образложи својата одлука за заминување од Манчестер јунајтед, истакнувајќи дека понекогаш промената е неопходна за напредок, особено кога ја имаш довербата на тренерот.

Интересно, ниту во Челзи ситуацијата не остана стабилна. Италијанскиот стратег Енцо Мареска доби отказ на почетокот на 2026 година, а како негов наследник се најавува Лиам Розениор.

Во Манчестер јунајтед, тимот привремено ќе го води Дарен Флечер, додека иронијата е уште поголема ако се земе предвид дека токму името на Енцо Мареска сега се споменува како можен кандидат за нов менаџер на Црвените ѓаволи.

- Оглас -

Најнови вести