Гарнет: Не сакам да ми го повлечат дресот во Минесота, не соработувам со змии!

Кевин Гарнет, кој е најдобар кошаркар во историјата на Минесота тимбервулфс, не сака неговиот дрес со бројот 21 да биде повлечен од употреба бидејќи и понатаму му е лут на сопственикот Глен Тејлор за односот кон него во 2016 година.

Гарнет пред некој ден е избран за влез во Куќата на славните, неговиот дрес со бројот 5 е повлечен од Бостон селтикс, но Гарнет најдобрите игри ги прикажуваше како играч на Минесота.

„Не сакам да учествувам во забава на Глен, иако знам дека го притискаат многу навивачи. Не е природно. Јас и тој имавме договор пред смртта на Флип Сандерс, а кога почина Флип, умре и договорот. Никогаш нема да му простам. Мислев дека е искрен човек и бизнисмен. Ги сакам Минесота тимбервулфс и луѓето во Минеаполис, секогаш ќе имаат посебно место во моето срце, но во моментов не сакам да си имам работа со Глен Тејлор. Не соработувам со змии“, рече Гарнет.

Гарнет беше петти пик на драфтот во 1995 година, и за 12 сезони клубот од губитник, го донесе до финалето на Западот. Клупски рекордер е по бројот на поени, скокови, асистенции, украдени топки и блокади. Во 2007 си замина, а после седум години играње за Бостон и Бруклин, Гарнет во 2015 година се врати во Тимбервулфс по барање на тогашниот тренер и генерален менаџер Сандерс, и планираа заедно да купат малцински дел од акциите во клубот. Но, после ненадејната смрт на Сандерс, договорот припадна и Гарнет се повлече во 2016 година.

Досега не се случило некој клуб да повлече нечиј дрес, а тој играч или некој од неговото семејство да не е присутен на церемонијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести