Гарсија призна дека измената на полувреме кога влезе Елмас била многу важна за победата во Берлин

Наполи направи голем чекор кон нокаут-фазата во Лигата на шампионите откако синоќа минимално со 1:0 победи на гости во Берлин против Унион, во рамките од третото коло на групната фаза. Со овој триумф италијанскиот првак стигна до шест бода и е на второто место веднаш зад неприкосновениот Реал Мадрид, кој има перфектни девет бода.

На дуелот во Берлин, на полувреме беше 0:0, а Наполи делуваше безопасно. На почетокот на вториот дел, тренерот на Наполи реши во игра да го внесе Елиф Елмас на местото на Јенс Кајусте и донесе промена на подобро во играта на гостинскиот тим. Тоа го призна и тренерот Руди Гарсија.

„Знаевме дека ова ќе биде тежок меч. Во првото полувреме направивме многу грешки, имавме многу лоши додавања, но, за среќа, Унион Берлин не ги казни нашите грешки. Никогаш не е лесно да се смени играч на полувреме, но тоа е нашата тренерска работа да одлучиме што е најдобро за тимот. Малку е чудно затоа што Кајусте беше речиси најдобар играч на дуелот против Верона, а овојпат беше далеку од формата и многу грешеше. Сепак, ова е една негова лоша игра, што не значи дека нема да биде стартер на дуелот против Милан за следниот меч. Лео Остигард кога влезе во игра, исто така помогна во средниот ред“, рече Гарсија.

- Оглас -

Најнови вести