Речиси по 20 години поминати во НБА, Пау Гасол се врати во тимот каде што започна, во Барселона. Гасол има 40 години и речиси две години воопшто не беше активен на кошаркарскиот терен, но сега реши повторно да заигра, и тоа во неговиот омилен клуб.
Гасол во 1998 година дебитираше за Барселона и играше за каталонскиот гигант до 2001 година, кога реши да замине во НБА. Во најсилната лига играше за Мемфис, ЛА лејкерс, Чикаго, Сан Антонио и Милвоки, период во кој заработи многу милиони долари.
Шпанецот сега се согласи со Барселона да потпише до крајот на сезоната, и тоа за неверојатно ниска плата само од 7.500 евра месечно, откриваат шпанските медиуми. Заедно со бонусите и додатоците, до крајот на сезоната Гасол ќе заработи вкупно 68.337 евра, сума која е неверојатно ниска за кошаркар кој шестпати бил дел од Олстар-тимот во НБА-лигата.