Поранешниот претседател на Барселона, Жоан Гаспарт, кој оваа значајна функција ја извршуваше од 2000 до 2003 година, во едно интервју даде контроверзна изјава дека сезоната во Шпанија ќе треба да се доигра затоа што Реал Мадрид не бил прв.
„Ако Реал Мадрид беше лидер при прекинот на сезоната, сезоната ќе беше суспендирана и немаше да се доигра“, рече Гаспарт.
Во моментов, по 27 кола, Барса е прва со 58 бода, два повеќе од вечниот ривал. Останаа уште 11 кола, а најавите се дека лигата ќе продолжи на 11 јуни.
Гаспарт беше прашан да даде мислење и за евентуалното враќање на Нејмар во Барселона. Експретседателот рече дека би му простил на Нејмар за „предавството“ и со задоволство би го вратил во клубот.