Гасперини ја информирал Аталанта дека заминува во Рома?

Џанпјеро Гасперини е сè поблиску да стане нов тренер на Рома. Според информации од италијанските медиуми, искусниот стратег веќе го информирал раководството на Аталанта за својата подготвеност да го напушти клубот, со што ќе стави крај на деветгодишната ера во Бергамо.

Гасперини се сретнал со сопствениците на Аталанта, Антонио Перкаси и Стивен Палиука. Додека претходно барал гаранции за продолжување на договорот, инвестиции во тимот и амбициозни цели за наредните сезони, сега ситуацијата е променета – 66-годишниот тренер, според написите, ја загубил мотивацијата откако ја однесе Аталанта по петти пат во Лигата на шампионите во последните седум години и ја освои Лигата на Европа во 2024 година.

Гасперини веќе е во преговори со Рома за да го наследи Клаудио Раниери, кој привремено ја водеше екипата. Друг кандидат беше Сеск Фабрегас, но Комо не сака да го ослободи од договорот. Интересно е што и самиот Раниери имал разговор со Гасперини, што се гледа како подготовка за формални преговори.

Сепак, не е исклучено Гасперини да остане во Аталанта ако не постигне договор со Рома. Како можни наследници на неговото место се споменуваат Игор Тудор, кој е актуелен тренер на Јувентус, и Маурицио Сари, кој последно го водеше Лацио.

Потенцијалното заминување на Гасперини би било крај на една златна ера за Аталанта, која под негово водство прерасна во сериозен фактор во италијанскиот и европскиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести