Откако и официјално стана тренер на фудбалскиот клуб Наполи, Џенаро Гатузо веднаш се појави пред новинарите на прес-конференција, придружуван од претседателот на клубот, Аурелио де Лаурентис.
Гатузо на почетокот искажа еден куп пофални зборови за досегашниот тренер Карло Анчелоти, кој синоќа доби отказ откако Наполи се пласираше во осминафиналето од Лигата на шампионите.
„Тој ми е како татко, во многу ситуации ми помогна. Тој има освоено сè, јас имам уште многу да се докажувам, би бил задоволен и со 10 проценти од неговите успеси“, рече Гатузо на почетокот, а потоа продолжи да зборува за амбициите.
„Целта ќе ми биде да се пласираме на места кои водат во Лигата на шампионите. Наполи има потенцијал во играчкиот кадар, заслужуваме да бидеме меѓу првите четири во Италија. Не се плашам од предизвикот. Ќе тренираме напорно за остварување на целта и што побрзо да излеземе од овој деликатен момент. Кога гледам на кое место е тимот на табелата, се чувствувам засрамено“, изјави Гатузо.
Се шпекулира дека со доведувањето на Гатузо, Наполи има шанси да го купи Златан Ибрахимовиќ, но популарниот Рино не сакаше да зборува за фудбалери кои не се членови на клубот во моментов.