Гатузо: Гледам двојно, само лудак може да го издржи ова, ми велеа дека имам само уште еден месец живот

По ремито на Наполи со Торино, тренерот Џенаро Гатузо зборуваше за своите здравствени проблеми. На мечот со Лацио, тој екипата ја водеше како пират, со превез преку десното око, а прескокна и неколку интервјуа бидејќи состојбата со видот му се влоши. Гатузо некогаш гледа двојно, некогаш капакот на окото му се затвора.

„Мојата порака до сите, особено до децата кои кога ќе се погледнат во огледало и ќе видат нешто необично или дека нешто не е во ред е следна: животот е убав и сите работи треба да се прифатат. Моите играчи страдаат што сум во ваква состојба, но жив сум. Проблемот го имам веќе десет години и ова ми е трети пат состојбата да ми се влоши. Овојпат е најлошо, но ќе се вратам во нормала и ќе бидам уште поубав“, вели оптимистички големиот борец.

„Не е проблемот само во тоа што изгледа грозно, туку и дека се чувствувам исцрпено поради тоа. Замислите како е 24 часа на ден да гледате двојно. Само лудак како мене би продолжил да прави работи кои јас ги правам. На светот има и многу полоши работи. Ме боли што некои луѓе пишуваа дека ми останал само уште еден месец живот и дека умирам. Сакам да ги уверам сите дека тоа не е точно, а кога ќе умрам, сакам да ме однесете на стадион, таму беше мојот живот“, вели Гатузо.

- Оглас -

Најнови вести