Селекторот на Италија, Џенаро Гатузо, призна дека победата на Азурите со 5-4 над Израел во светските квалификации е „најлудиот натпревар“ во кој учествувал како тренер. И покрај импресивниот резултат, Гатузо не ја сокри загриженоста поради леснотијата со која неговиот тим прима голови.
По убедливото деби против Естонија (5-0), очекувањата беа високи, но Гатузо уште претходно предупреди дека Израел ќе биде многу посериозен противник. Тоа се потврди на теренот, каде што домаќините двапати поведоа во резултатот, додека Италија мораше да го врати текот на настаните. Мојзе Кин постигна два гола, а Матео Политано и Сандро Тонали додадоа по уште еден, со што ја донесоа драматичната победа.
„Ова беше вистинско лудило“, изјави исцрпениот Гатузо по средбата што се одигра во Унгарија.
„Ова е најлудиот натпревар во кој сум учествувал како тренер. Бевме премногу наивни, постојано тргнувавме во напад, а Израел токму тоа го чекаше и нè казнуваше преку противнапади. Можевме да се браниме подлабоко кога водевме“, објасни Гатузо.
Тимот на Гатузо постигна 10 гола во првите два натпревари, но во исто време прими четири.
„Ние сме луд тим затоа што сме премногу кревки и примаме смешни голови премногу лесно. Играчите го знаат тоа, но тоа е мој проблем, не нивен. Дојдовме од стил на игра што се темели на други работи, но мораме да работиме на тоа да изградиме сопствен стил“.
Гатузо го пофали тимот за карактерот што го покажа, но не сокри дека е потребно подобрување.
„Играчите заслужуваат пофалба затоа што секогаш реагираа на секој удар, но факт е дека не можеме да примаме голови толку лесно. Ова не е критика кон нив, јас и мојот стручен штаб треба да се подобриме и да работиме на тоа што е можно поскоро“, заврши енергичниот селектор на Италија.