Милан ќе бара нов тренер за новата сезона, откако Џенаро Гатузо потврди дека си заминува од „Сан Сиро“. Некогашниот италијански и европски првак на разочарувачки начин ја заврши сезоната, откако за само еден бод не успеа да се пласира во Лигата на шампиони.
Токму поради неуспехот да влезе во елитното европско друштво, популарниот Рино реши дека е време да си замине. Тој дојде пред 18 месеци и има уште две години од договорот, но нема да ги одработи. Иако за предвремен раскин на соработката, на Гатузо му следува оштета, тој се откажа од парите кои треба да ги добие, а тоа беа нешто повеќе од пет милиони евра.
„Не ми требаат парите. Се откажувам од нив. Врската меѓу мене и Милан никогаш не била поради парите. Ова беше незаборавни 18 месеци, но сега е време да си заминам“, рече Гатузо, кој додаде дека воопшто не било лесно да ја донесе одлуката за заминување од клупата на клубот во кој се прослави како играч.
Како тренер, Гатузо го водеше Милан на 82 меча и имаше 40 победи, 22 нерешени и 20 порази.
Освен Гатузо, од клубот си оди и спортскиот директор Леонардо. Милан веќе неколку години е далеку од врвот во Италија, па затоа и следната сезона ќе игра во Лигата на Европа.