Новиот предводник на италијанската фудбалска репрезентација, Џенаро Гатузо, официјално беше претставен како селектор на Аѕурите и порача дека целта му е да ја однесе Италија на Светското првенство кое ќе се одржи следната година во САД, Мексико и Канада.
Гатузо, познат по својот борбен дух и непоколеблив карактер, не го криеше своето возбудување од можноста да го води националниот тим.
„Тоа е сон што се остварува. Знам дека ќе биде тешко, но јас сум подготвен, во животот ништо не е лесно. Имаме многу работа. Ќе патувам со возови, авиони што и да е потребно за да бидам блиску до играчите“, вети Гатузо, кој е убеден дека Италија има квалитет, но тој треба да се развива и да се поддржува.
Тој е загрижен што дури 68% од играчите во Серија А се странци. Гатузо смета преминот од младински во сениорски фудбал останува Ахилова пета, при што многумина се губат по патот.
„Во Хајдук се борев за титула, а имав момци кои беа родени од 2005 до 2007 година. И ние ги имаме, но треба да им се даде шанса. По две пропуштени Светски првенства, немаме друг избор освен да се кренеме. Треба да ја вратиме страста и да играме без страв, тоа е единствениот начин да стигнеме далеку, ако се плашиме, не може ништо да направиме“, додаде Гатузо.