Никола Калиниќ откако беше сменет од функцијата спортски директор на сплитскиот Хајдук, одржа прес-конференција на која упати сериозни обвинувања во насока на раководната структура, а навести и дека наскоро од клубот би можело да замине и тренерот Џенаро Гатузо.
Според некогашниот фудбалер Калиниќ, претседателот Иван Билиќ веќе еден месец не разговара со тренерот Џенаро Гатузо, а за луѓето во Надзорниот одбор рече дека не го сакаат клубот.
„Тренерот долго време не разговара со претседателот бидејќи му вети четири засилувања. Испадна дека јас сум жртвеното јагне, а глувците се сокриле во дупката. Знам дека Гатузо не е задоволен. Гатузо се откажа од разговорите за засилувања, знае дека тоа е шуплива приказна. Од првиот ден знаев дека нема работите да одат во вистинска насока. Луѓето од надзорниот одбор не го сакаат Хајдук и немаат никаква врска со фудбалот. Не знам точно кој ме смени, претседателот сигурно не“, рече Калиниќ.