Многу брзо откако ја напушти клупата на Милан, Џенаро Гатузо е на прагот да најде ново работно место. Италијанецот по сите изгледи повторно ќе тактизира во Серија А, откако воспоставил контакт со управата на Лацио.
Клубот од Рим го посакува екстренерот на Росонерите да биде нов предводник на нивната екипа, бидејќи судбината на Симоне Инзаги засега е неизвесна. Иако Инзаги има уште една година од договорот со Лацијалите, тој изрази желба да добие слободно време за да одлучи дали ќе остане на „Олимпико“ или не.
Сепак, челниците на Лацио немаат време за губење, ниту пак сакаат да си создадат непотребен проблем, па токму затоа започнале преговори со Гатузо.
Гатузо во изминативе неколку сезони го предводеше Милан до 40 победи, 20 порази и 22 ремија во сите натпреварувања, а оваа сезона за еден бод испуштија пласман во Лигата на шампионите, по што следуваше разделба со двете страни. Инаку тој е и на радарот на Рома, но како стојат работите Лацио испрати конкретна понуда која најверојатно Гатузо ќе ја прифати во следните неколку дена.