Наполи го смени тренерот и на местото на Карло Анчелоти го доведе Џенаро Гатузо, но резултатите останаа разочарувачки. Наполитанците дома загубија од Парма со 1:2 и веќе немаат шанса во трката за титулата во Серија А. Доброто од првиот дел од сезоната е пласманот во осминафиналето од Лигата на шампионите, каде што Наполи го чека тежок предизвик.
Италијанскиот тим за противник ја доби Барселона, која е еден од главните фаворити дури и за титулата во ЛШ. И покрај тоа што неговиот тим ја има улогата на аутсајдер, Гатузо најави дека нема предавање.
„Тие се одличен тим и пред нас е сјаен предизвик. Ќе одиме да одиграме без страв“, рече Гатузо веднаш по дознавањето на противникот во осминафиналето од ЛШ.
Од екипите кои се меѓу фаворитите за тронот, Јувентус имаше најмногу среќа. Старата дама ќе игра против Олимпик Лион. Французите реално се едно ниво подолу од Јувентус, но сепак во ЛШ никогаш не смее да има потценувања.
Жунињо, кој како играч на Лион има одиграно многу значајни меча во елитното натпреварување, сега од позиција на спортски директор најави голема борба.
„Ќе мора да одиграме два перфектни меча. Ќе мора да одиграме цврсто во одбраната, сите играчи на теренот да бидат максимално ангажирани. Сепак, мора да бидеме и реални за тоа против кого играме“, рече Жунињо.