Гатузо нема да остане на клупата на Италија, веројатно ќе си оди веднаш

Џенаро Гатузо е сè поблиску до заминување од функцијата селектор на Италија, пренесуваат новинарите Фабрицио Романо и Џанлука ди Марцио. Веста доаѓа само два дена по новиот тежок удар за „Аѕурите“, кои не успеаја да се пласираат на Светското првенство третпат по ред.

Во вторникот навечер, четирикратниот светски шампион загуби од Босна и Херцеговина во финалниот бараж одигран во Зеница. По натпреварот, Гатузо не сакаше да даде јасен одговор за својата иднина на клупата на репрезентацијата. Набргу потоа, претседателот на Федерацијата, Габриеле Гравина, откри дека го повикал тренерот да продолжи со работата.

Директорот на репрезентацијата, Џанлуиџи Буфон, исто така ја коментираше ситуацијата, наведувајќи дека засега и тој и Гатузо планираат да останат на функциите барем до јуни.

Сепак, според Фабрицио Романо, поранешниот италијански репрезентативец би можел да замине уште сега.

Следниот предизвик за Италија е закажан за 25 септември, кога ќе се соочи со Белгија во натпревар од Лигата на нациите. Претходно може да играат само пријателски натпревари во јунскиот прозорец на ФИФА.

 

- Оглас -

Најнови вести